Колумна: Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

Ајде, биди оптимист ако можеш

Пишува: Шериф Ајрадиноски

Овие зимски, депресивни, магловити, тмурни, сиви и студени денови како да ги замаглија и загадија и почвата и воздухот во Македонија. Скопје и некои други градови бележат светски рекорди по загаден воздух. Сето тоа сивило како да влијае врз менталниот склоп на луѓето, особено на политички план, при што многу од нив, заслепени во лажниот оптимизам кој го поттикнува новата власт со најавите дека новата 2018 год. ќе била „успешна приказна“ за Македонија како на внатрешен, така и на надворешен план. Но ако по утрото се познава денот, тогаш почетокот на годината го „говори“ спротивното. Нема место за оптимизам, барем не за реален!

Грците пак незадоволни. По  25 години „мислење“, посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц „измисли“ и предложи неколку имиња: Нова Македонија, Горна Македонија, Северна Македонија, Вардарска Македонија...и т.н. Арно ама Грците биле алергични на зборот Македонија и не сакале ни да го слушнат! Сакаат некакво „заобиколно име“ за државата која веќе 74 г.(1944) го носи тоа име.

Бугарите, конечно задоволни. Се потпиша и се ратификува во двата Парламенти „договорот за добрососедство“, во кој пак, покрај другите ујдурми, Македонскиот јазик го доби своето „заобиколно име „ јазик според Уставот...“

Србите гневни и лути. Не само што ја изгубија „Стара Србија“, „Јужна србија“, или „Братската Република Македонија“, тие го изгубија и „црковното мајчинство“ во однос на Македонската православна црква, која одлучи да си ја смени „мајката црква“, во лицето на Бугарската! А какви реперкусии би имало сето тоа знаат само оние на кои им е јасно дека националната идеја и нацијата како таква, кај балканските православни народи се темели токму врз црквата!

Исклучок од тоа се Албанците кои, иако доминантно муслимани, за свој национален херој го имаат православниот Ѓорѓи(ја), Ѓерѓ Кастриот, попознат како Скендер бег, а за свој национален симбол христијанскиот- византиски двоглав орел. За нив помалку е важна верата. Територијата е во преден план за нив и јазикот. Успешно се шират и веќе имаат „две и пол“ држави на Балканот - да го парафразирам поранешниот Реис-ул-улема на БиХ, др. Мустафа еф. Цериќ. За волја на вистината, сето тоа не би одело така глатко без помошта на „вујко Сем“ од Америка, ама една стара торбешка мудрост од Лабуништа вели: „Брал ке брал Јашар дорва, набрал тој“! Со јазикот малку потешко одат работите. Новопечените „Албанци“ тешко го учат новиот „мајчин јазик“, со исклучок на ретките „политичари“, но како и во се друго така и во овој случај исклучокот само го потврдува правилото! Белки од тие причини Албанците ги извојуваа новиот Закон за јазиците со кој „као“ Албанскиот јазик станува официјален јазик во Македонија.

Но Македонците, иако притиснати и сардисани од сите страни како Ѓорѓи Сугаре во песната и газени од своите „православни браќа“, како згазена змија својот „отров“ и бес го истураат врз „клетите Шиптари“ - Албанците. Тие како да сакаат да кажат дека не само Грците, Бугарите и Србите се наследници на Византиското културно-историско наследство. И тие знаат да се послужат со т.н. „византиска мудрост и итрина“! Имено, како и Грците со името Македонија, како и Бугарите со името на Македонскиот јазик, така и Македонците сакаат да го избегнат споменувањето на Албанскиот јазик и во службените документи да го преименувааат во „јазик кој го употребуваат најмалку 20% од населението во Македонија“! Тоа тие Балкан. „Само поштено, па ко кога зајебе“-вели една босанска! Законот е изгласан во Парламентот, но претседателот Ѓорѓе Иванов, иако сардисан од сите страни како Ѓорѓи Сугаре во песната, тој како Ѓорѓи Кастриот спрема Османлиите, (не)принципиелно се бори како Дон Кихот со ветерниците, како последниот Мохиканец, се инаети на СДСМ, на ДУИ и другите албански партии, пркоси, стави вето на истиот закон и не го потпиша сметајќи го за противуставен. За овој негов потег е напаѓан од власта која не го дели неговото мислење. Претседателот на ДУИ, Али Ахмети веќе изјави дека Ѓорѓе Иванов „уште еднаш пропуштил прилика да го поправи својот имиџ кај албанската популација“. Секако има и такви кои го поздравуваат овој негов потег потег. Тоа се пратениците од опозициската ВМРО и некои експерти од лингвистичката и правната фела. Дури најавена е и постапка за оспорување на законот пред Уставниот суд на Р. Македонија.

Круна на овие замаглувања беше и гостувањето на генералниот секретар на НАТО Алијансата, Јенс Столтенберг во Македонија и неговите средби со сите релевантни политички структури. Неговото гостување беше толку еуфорично доживеано, како во џепот да ја носи толку посакуваната и долго очекувана покана за членство на Македонија во НАТО. И не само од власта која ова го прикажа како голем нејзин успех, туку и од опозицијата која, не само што го прими на протоколарни средби, ами и го почести со свое присуство во Парламентот, чии седници подолг период ги бојкотира, за да го слушне неговото обраќање. А тој, онака „дипломатски“ по европски и студено по скандинавски, на сите им одбруси дека змејата, (дури во ниеден момент не и го спомна името!) „од држава пред пропаст, станала функционална држава“!? и дека НАТО ќе ја покани Македонија дури откако ќе биде најдено прифатливо решение за спорот со името кој веќе 25 години се води во рамките на ОН. Не знам што мисли Столтенберг под „функционална држава“, ама знам дека проблемот со името на Македонија нема да биде така лесно решен, како што еуфорично, да не кажам лекомислено, тврди власта на чело со премиерот Заев, имајќи ја пред вид тврдокорната позиција, како и моќта на Грција во меѓународната заедница каде сите одлуки се носат со консензус. Ајде, биди оптимист ако можеш во таквата констелација на односите.

 

Vezani članci

Komentari na članak

Prelistaj nove naslove »

DRAGAŠ Vrem.prognoza

Popularno

Nema aktuelnosti za danas!

Nema aktuelnosti za danas!

Nema aktuelnosti za danas!

Anketa

Konvertor valuta

Video Foto

Vaktija Dragaš